Тајландските власти прогласија воена состојба во осум гранични области со Камбоџа, по најнасилните судири меѓу двете земји во повеќе од една деценија. Воената состојба стапи на сила веднаш, според Апицарт Сапрасерт, командант на воената гранична стража во покраините Чантабури и Трат.
Мерките опфаќаат седум области во покраината Чантабури – Муеанг Чантабури, Та Маи, Макам, Лаем Синг, Каенг Ханг Маев, На Јаи Ам и Као Хичакут – и еден во покраината Трат, Као Саминг.
Во исто време, Министерството за природни ресурси и животна средина на Тајланд затвори шест заштитени подрачја по должината на границата, вклучувајќи национални паркови и резервати за диви животни во покраините Убон Рачатани, Сисакет и Сурин. Дневниот весник „Нејшн“ објави дека околу 600 чувари се евакуирани од ризичните области.
Преку границата, стотици камбоџански цивили побараа засолниште во комплексот на будистичка пагода во покраината Оддар Минчи, бегајќи од борбите во близина на спорна област со антички храмови. Меѓу нив беше и Салоу Чан, кој бегајќи со две мали деца, за АФП изјави: „Се плашам за безбедноста на моите деца. Да бев сам, можеби ќе останев, но пукањето ги исплаши. Не знам кога ќе можеме да се вратиме, а никој не се грижи за моите оризови полиња и добиток.“
Евакуираните цивили моментално живеат под импровизирани засолништа направени од пластични фолии, потпирајќи се на храната и водата што ги донеле со себе.
Како што продолжуваат тензиите на терен, така се зголемуваат и политичките тензии. Камбоџанскиот премиер Хун Сен изјави дека го поддржува предлогот за прекин на огнот што го предложи малезискиот премиер и претседател на АСЕАН, Анвар Ибрахим, но дека Тајланд го повлекол својот претходен договор.
„Клучот за завршување на овој вооружен конфликт е искрената подготвеност на тајландската страна да прифати прекин на огнот“, рече Хун Манет во објава на Фејсбук, додавајќи дека одлуката на Тајланд да ја повлече поддршката е „жалечка“.
Според Ал Џезира, властите во Бангкок сè уште не одговориле на обвинувањата на Пном Пен.
