Такса на ЕУ за CO2 – иако стартува од 01.01.2026 г., многу непознаници за фирмите и за властите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Околу 370 домашни компании кои имаат 80 милиони евра извоз во Европската унија ќе бидат на удар од воведувањето на таксата која ќе треба да и се плаќа на Унијата затоа што во Македонија најголемиот дел од електричната енергија се произведува од јаглен. Таканаречената такса за CO2 ќе ги оптовари сите извозни производи кои се поврзани со челичната, алуминиумската, цементната, за ѓубриво и за водород индустрија.

Ова значи дека од почетокот на наредната година, фирмите кои имаат извозни производи поврзани со овие пет сектори, ќе плаќаат повисока цена за електричната енергија, бидејќи ќе мора да ја платат таксата за испуштање на јаглерод диоксид во атмосферата при производство на струјата.

Ако за одреден производ треба да се искористи електрична енергија за чие производство се испушта еден тон CO2, според сегашните цени ќе треба да се платат дополнителни 80 евра за ова загадување.

Примената на овие нови правила кои сериозно ќе влијаат на извозот, засега оставаат простор за нејаснотии и во самата Влада. Во овој момент, ако се спроведат правилата на ЕУ, бидејќи немаме независно тело кое ќе потврди колку од електричната енергија во Македонија се произведува од обновливи извори, ќе се пресметува дека таа е 100 отсто од извори кои загадуваат и ќе се плаќа целата такса. Од владата пак се надеваат дека ќе се прифати нивниот податок дека дел е од обновливи извори, а дел од загадувачи, па компаниите да го плаќаат само процентот кој е не е од обновливи извори.

„Енергијата што се употребува за производство не може да знаеме од кого е, бидејќи тоа е нели микс. Следната недела, во понеделник доаѓа господинот Лорковски, кој е претседател на Енергетската заедница. Имаме состанок токму на оваа тема со детали. Меѓутоа во нашите последни разговори ни беше укажано дека ќе се земе миксот на Македонија како држава. Тоа значи дека ние минатата година 40% имаме од обновливи и дека ќе биде тој микс. Значи, нема да се гледа поединечно, туку ќе се гледа државата како една целина.“, рече Сања Божиновска, министерка за енергетика.

Ова пак значи дека дел од компаниите кои веќе инвестираа во обновливи извори или набавуваат електрична енергија или други енергенси кои немаат загадувачка компонента, сепак ќе ја плаќаат таксата.

Божиновска пак вели дека како Влада направиле се за да ги применат правилата и да му олеснат на бизнисот.

Од Стопанската комора сметат дека е потребна државна помош кон зелената транзиција на компаниите.

„Така да колку и да чини, тоа ќе мора да биде составен дел на иднината на тие компании. За жал, ако се трошоци направени, да пробаме да разговараме со владата за поволни кредити, за начин како тоа да се направи, за таа транзиција да биде полесна.“, изјави Антони Пешев.

Дека мора брзо да се дејствува посочува и најавата дека ЕУ ќе ја прошири таксата и за други индустрии меѓу кои се текстилната, хемиската, за пластика и за целулоза и хартија. Од Европската инвестициона банка најавуваат помош при зелената транзиција, но предупредуваат дека добар дел од компаниите не се свесни од придобивките од ова.

„Скорашните наоди од анкета на ЕИБ покажуваат дека околу 40% од македонските претпријатија не се свесни за придобивките од оваа иницијатива. Сепак, се гледа дека свесноста напредува околу 27% од компаниите знаат дека зелените инвестиции можат да ги направат покомпетативни, а 30% од претпријатијата сфаќаат дека можат да имаат раст во приходите.“, вели Бјорн Габриел од Европската инвестициона банка.

Според ЕИБ овие инвестиции можат сериозно да влијаат врз зголемување на извозот на македонските компании.