Таравари: Решенија во текот на 2025 – 600 приватни специјализанти 6 месеци без платени дежурства

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Беше меѓу најгласните за правата на приватните специјализанти, но сега откако ја заврши специјализацијата остана без работа. Александра Георгиевска е една од 600-те специјализанти кои приватно платиле за завршување на постдипломските студии на Медицинскиот факултет, но вели дека властите ги оставиле без понуди за работа.

Според неа, сите вработувања се вршат на партиска основа, иако тие се најзагрозената категорија да избегаат на Запад како специјалисти, а се многу потребни во татковината.

Наведува дека покрај минималната плата што ја примаат, на приватните специјализанти не им се платени дежурствата веќе 6 месеци.

Оваа реакција следи откако министерот за здравство Арбен Таравари рече дека 20 јавни здравствени установи подготвиле нови систематизации и можат веднаш да ги вработат 300-те приватни специјализанти од првата група, меѓу кои најмногу кардиолози и гинеколози, од кои 30 само во Скопје. Но, ангажирањето на 600 приватни специјализанти требаше да заврши на крајот на минатата година, откако Министерството за здравство и Министерството за финансии одобрија вработувања на 30 декември 2024 година. Но, во пракса, овој рок сега е пролонгиран во две фази годинава, оставајќи го товарот на самите болници да ги систематизираат.

-Некои од болниците имаат нови систематизации, околу 20, набргу можат веќе сами да објават конкурси и да ги вработат. 300 ќе бидат вработени до крајот на март, 300 други до крајот на декември 2025 година. Илјада и 180 средно-медицински кадар генерално кои што беа договорци по 5, 10 и повеќе години исто така до крајот на март треба сите овие да им се даде решение во здравствените установи. Очекуваме заедно со приватните специјализанти и тие да се систематизираат, изјави министерот за здравство, Арбен Таравари.

Одговор побаравме од Фондот за здравствено осигурување зошто не се плаќаат дежурствата за приватните специјализанти кои работат ноќна смена за 1.800 денари, а викенд за 2.100 денари. Од Фондот ни одговорија дека ги имаат пуштено сите средства до надлежните болници и клиники, вклучително и хонорарите на приватните специјализанти, но се уште не добивме одговор зошто тие исплати се стопирани веќе 6 месеци.

Инаку, според Лекарската комора, годишно се иселуваат околу 250 лекари, бројка што е еднаква на цела генерација доктори кои годишно дипломираат. Она што загрижува е фактот што си заминуваат дури и искусни лекари, во кои државата многу вложила.