Техничката влада половина скроена – СДСМ ги даде кандидатите, ВМРО-ДПМНЕ ќе ги соопшти по празниците

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Координаторот на СДСМ Јован Митрески треба да седне на првото столче во Собранието на местото на Џафери, дополнителен заменик министер за внатрешни работи е номиниран Митко Бојмацалиев актуелен шеф на кабинетот на министерот Спасовски, а во труд и социјала кандидат е актуелната министерка Јована Тренчевска. Ова се решенијата за техничката Влада од СДСМ кои беа утврдени на вчерашната седница на Централниот одбор на СДСМ. Премиерот Димитар Ковачевски рече дека покрај овие решенија започнати се и разговорите за широк европски фронт за изборите.

„Со цел од коалиционите партнери веќе се започнати разговорите и како што одминува времето така ќе се интензивираат разговорите во однос на настапот на изборите. Централниот одбор на СДСМ ги донесе сите потребни одлуки за учество во техничката влада веќе ги дефиниравме согласно Статутот нашите предлози за министри, предлози за заменици министри, предлози за дополнителни заменици министри во Министерството за внатрешни работи и во министерството за труд и социјална политика“, вели Димитар Ковачевски.

Согласно со составувањето на техничката влада и нашиот координатор на пратеничката група официјално беше вчера промовиран во кандидат за претседател на Собранието.

Од ВМРО-ДПМНЕ се уште официјално нема кои ќе бидат нивните предлози, кои како што претседателот на партијата Мицкоски рече треба да се утврдат на седница на партиските органи. Неофицијално се вели дека најверојатно како технички министер во МВР ќе биде  предложен Наќе Чулев кој и претходно ја извршуваше оваа функција на претходните избори, но можно е за таму да биде предложен и пратеникот Драган Ковачки. За труд и социјала се споменува Гордана Димитриевска Кочовска. Мицкоски на брифинг со новинарите на прашањето кои ќе бидат кандидатите од ВМРО-ДПМНЕ кратко одговори дека по празниците ќе биде одлучено за тоа кој ќе би заземе позициите во техничката влада. Деновиве тој на прес конференција рече дека наскоро ќе бидат одржани седниците на партиските органи а воедно ќе има средба и со Ковачевски за да се утврдат спецификите за идната техничка влада. 

„Дали ќе бидат до тогаш персоналните решенија кажани или нема да бидат кажани тоа е помалку важно. Конкретно за средбата тој што ја организира тој што ја бара, тој треба да каже термин и време да се усогласат распоредите се разбира. До сега не сме имале состанок на партиските органи не сме имале состанок на Извршниот и Централниот комитет се уште, очекувам периодот што следи да имаме“, вели Христијан Мицкоски.

Техничката влада треба да се изгласа на 28 јануари идната година, а тогаш и премиерот Ковачевски треба да си поднесе оставка.