Телефонски разговор Османи-Чолет, советник на Стејт департментот

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес оствари телефонски разговор со Дерек Чолет, советник на Стејт департментот на САД.

Соговорниците разменија мислења за актуелната безбедносна состојба во Европа и актуелните случувања во и околу Украина. Беше изразена заемна поддршка за суверенитетот, територијалниот интегритет и неповредливоста на границите на Украина, повлекувајќи ја важноста од заштита на човековите права. Воедно, ја истакнаа значајноста од заеднички пристап  кон актуелните безбедносни предизвици и упатија повик за деескалација на состојбите во интерес на европската сигурност. Во тој контекст, ги поздравија напорите на меѓународните партнери и заложбите во рамки на НАТО и ОБСЕ за смирување на состојбите и зачувување на мирот. 

Во рамки на телефонскиот разговор, стана збор и за билатералните односи, кои соговорниците ги оценија како исклучително блиски и пријателски, засновани на стратешко партнерство и се согласија во претстојниот период да работат на натамошно унапредување на сојузништвото и соработка.

Министерот Османи изрази благодарност за континуираната поддршка од САД за реализација на нашите стратешки цели и ја истакна значајната улога на нашите американски пријатели за просперитетот и демократските постигнувања на Северна Македонија. Притоа беше изразена заемна согласност дека европската перспектива и зајакнатото присуство на САД на нашите простори за особено значајни за стабилноста и напредокот на Западен Балкан.