Тело на исчезнат Британец пронајдено на Антарктик после 65 години

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Коските на Британец кој загина во трагична несреќа на Антарктикот во 1959 година се откриени во глечер што се топи, 65 години откако исчезна. Заедно со останките, полска антарктичка експедиција во јануари пронајде и рачен часовник, радио и цевка. Сега е официјално потврдено дека станува збор за Денис „Тинк“ Бел, кој паднал во пукнатина на 25-годишна возраст додека работел за организацијата што подоцна станала Британско антарктичко истражување, објави Би-Би-Си.

„Одамна се откажав од пронаоѓањето на мојот брат. Ова е едноставно извонредно, неверојатно. Не можам да поверувам“, изјави неговиот 86-годишен брат, Дејвид Бел, за „Би-Би-Си“.

Токму Дејвид ја отворил вратата од семејниот дом во 1959 година кога дошле да ја соопштат лошата вест.

„Ми рекоа: жал ни е што ви го кажуваме ова, но имаме лоша вест“, се сеќава тој.

Потоа се качил горе да им ја соопшти веста на своите родители.

„Беше многу ужасен момент“, додава тој.

Дејвид се насмевнува додека се сеќава на приказни од своето детство во Англија во 1940-тите, сеќавања на помлад брат кој му се восхитува на својот шармантен и авантуристички постар брат. „Денис беше фантастично друштво. Беше многу забавен.“, вели Дејвид.

Тој отишол на Антарктикот во 1958 година на двегодишна задача во Адмиралскиот Залив на островот Кинг Џорџ. Според записите, бил весел, вреден и склонен кон шеги. Неговата работа била да испраќа временски балони, а бил и најдобриот готвач во базата и најпознат по својата љубов кон хаските што ги влечеле санките.

Несреќата се случила на 26 јули 1959 година, додека се извидувал глечер. Денис, одејќи пред кучињата без скии, одеднаш паднал во пукнатина. Неговиот колега Џеф Стоукс спуштил јаже за него. Додека го ваделе, ременот на кој го врзувал јажето се скинал на самиот раб и тој повторно паднал. Овој пат немало одговор. „Тоа е приказна што никогаш нема да ја преболам“, вели Дејвид.

Обидите за спасување беа прекинати поради опасноста, а моралот во базата беше исклучително низок, бидејќи само неколку недели претходно, почина и друг член на тимот, за кого Денис направи ковчег.

„Мајка ми никогаш не го преболеше тоа. Не можеше да поднесе да ги гледа неговите фотографии и не можеше да зборува за него“, вели Дејвид.