Прашање е на часови кога ќе биде отворен тендерот за втората фаза од патот Скопје-Блаце, откри во интервју за ТВ21 првиот заменик-претседател на Владата Изет Меџити, критикувајќи ја поранешната влада во која учествуваше и ДУИ дека со години зборувале за овој проект, но го оставиле со само 2 километри.
„Можам да потенцирам дека и динамиката на Коридорот 8 е тројно зголемена. Новост е што денес или утре ќе се отвори тендерот за патот Скопје-Блаце и ние ги реализираме овие проекти затоа што знаеме што е проект и како се реализира проект. Тие се занимаваа само со промоции, со отворања на проекти со автомобили, на автомобили, но ја оставија Скопје-Блаце со само 2 километри.“, додаде Изет Меџити.
Овој сегмент беше многу споменуван и за време на владеењето на интегралистите. Потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, запрашан за овој проект, рече дека од партиите на актуелната власт секогаш имало политички саботажи. Но, тој вети дека по локалните избори во октомври работите ќе се сменат.
„Сега го прогласија како историски проект она што ние го направивме во минатото, дел од тој проект е и автопатот Скопје-Блаце. Тоа што јас го направив во периодот кога бев координатор беше да го доведам до точка од која нема враќање, затоа што се забележуваше недостаток на волја од тоа што го нарекуваме длабока држава за изградба на коридорот што поврзува со Приштина. Почетокот на изградбата имаше цел овој проект да биде неповратен. Сега е прашање на администрација и политичка волја, но верувам дека по октомври ќе има нова констелација која ќе ги заврши овие проекти.“, вели Бујар Османи.
Инаку, од Јавното претпријатие „Државни патишта“ велат дека делницата од 10,5 километри на патот Скопје-Блаце ќе се гради според почетниот проект со некои измени. Проектот може да чини до 260 милиони евра. Досега се изградени само првите 2 километри, но без продолжување на сегментот тие се нефункционални.