Тендерот на Министерството за внатрешни работи за набавка на нови полициски униформи предизвика судир меѓу политичките партии. Демократската унија за интеграција бара повлекување на тендерот, бидејќи според нив, на униформите е предвидено натписите и симболите да бидат само на македонски јазик.
„ДУИ јасно кажува: Албанците нема да прифатат вакви понижувања. Законот е јасен — во општините каде Албанците се најмалку 20%, секоја државна институција е обврзана да ги користи службените јазици, вклучително и на униформите и во јавната комуникација. Бараме итно повлекување на оваа дискриминаторска одлука, заменување на униформите со двојазични натписи, согласно законот, и јавно извинување од албанските партии на власт кои го одобрија овој срам“, вели ДУИ.
Од ВЛЕН возвратија дека униформите на полицијата ќе бидат и на албански јазик таму каде што тоа го предвидува законот.
„Во комуникација сме со МВР. Она што можеме да го гарантираме е дека и во овој случај ќе се почитува законот, и таму каде што, согласно Законот за употреба на јазиците, униформите треба да бидат и на албански јазик – тие секако ќе бидат и на албански јазик.“, вели Биљал Касами.
Министерот за внатрешни работи, Пане Тошковски, изјави дека овој закон и правилникот датираат од 2018 година и дека ДУИ имала можност тогаш да го спроведе.
„Тој закон е од 2018 година. ДУИ во минатото имала можност да го покаже неговото спроведување. Она што сега се презема од наша страна е целосно согласно законот и важечките правилници, кои, ќе повторам, се донесени во време кога на власт беа ДУИ и СДСМ“, вели Панче Тошковски.
Согласно законот, полициските униформи треба да бидат двојазични во општините каде Албанците сочинуваат над 20% од населението.