Тензично започна со работа собраниската комисија за образование, наука и спорт.
Кога претседателката на комисијата, Жаклина Лазаревска го започна дневниот ред, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ пријдоа до говорницата и ја спречија да продолжи.
Поради недоразбирања меѓу опозициските пратеници и претседателката на Комисијата, беше дадена пауза од 1 час.
Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Благица Лазовска рече дека за да се почне со дневниот ред без да се усвои истиот претставува кршење на деловникот. Тврдат дека иако Комисијата почнала на 17 јуни, дневниот ред се уште не е усвоен бидејќи тие имале процедурални забелешки во врска со новиот концепт за основното образование.
Според претседателката на комисијата, Жаклина Лазаревска дневниот ред е изгласан со 8 гласа ЗА на седницата на 17 јуни 2021, затоа продолжуваат со работа, а додаде дека ВМРО-ДПМНЕ го покажало своето вистинско лице.
На дневниот ред има две точки, предлог законот за измена и проширување на законот за наставници и професионални соработници во основните и средни училишта и предлог законот за измена и дополнување на законот за Биро за развој на образованието, и двете на прво читање.
