Во емисијата „Бизнис21“ на ТВ21, советникот за осигурување Митко Теохаров рече дека доколку не било задолжително осигурувањето на автомобилите при регистрација односно полиса за автоодговорност, ќе сме сведоци на хаотични ситуации.
Како што вели, полисата која се должни да ја поседуваат, ги штити во случај кога ќе причинат штета на друго возило, имот или пешак, да таа штета биде надоместена од компанијата од каде е извадена полисата.
„По мене ако не би било задолжително осигурувањето на автомобилите во сообраќајот, ќе бевме сведоци на хаотична ситуација бидејќи не само кога ќе настане штета прашањето кој ќе ја надомести, ако не поседувате туку и кој ќе изврши процена и која ќе биде висината на процената, и токму поради тоа нормално е 50+% од пазарот на осигурување да отпадне од овој тип на осигурување“, вели Теохаров.
Во продолжение тој објасни и што се содржи задолжителната полиса за осигурување на автомобил.
„Таа полиса покрива материјална и нематеријална штета која вие додека управувате возило, можете да ја причините кога учествувате во сообраќајот. За да важи вие мора да ги почитувате правилата односно да имате валидна возачка дозвола, да не поминувате на црвено, да не возите во алкохолизирана состојба и ред други работи“, додаде Теохаров.
Тој додава дека граѓаните често сметаат дека таа штета се надокнадува доколку се удри возило со возило, но тука влегуваат и нематеријални штети како повреди на учесниците во возилото, но и предмети кои се оштетени при самата сообраќајка.