Во емисијата „Бизнис21“ на ТВ21, советникот за осигурување Митко Теохаров и осигурителниот брокер Горан Ѓорѓев разговараа за состојбата на осигурителниот пазар во Македонија.
Тие оценија дека земјата значително заостанува зад европскиот просек и дека граѓаните недоволно ја препознаваат важноста на осигурувањето.
„Многу заостануваме зад европскиот просек, не можеме целата вина да ја префрлиме на граѓаните и да кажеме дека им недостига едукација во таа мера. Осигурувањето е еден од најважните столбови за нормално да функционира општеството затоа што тоа има улога кога ќе се случат неубави работи. Потребата дали ќе се осигураат или не зависи од нивната свесност за конкретен ризик“, изјави Теохаров.
Ѓорѓев додаде дека фали едукација но главни виновници се надлежните институции, формалниот и неформалниот образовен систем.
„Точно е дека доста сме назад, јас би кажал претежно во однос на свесност, а не толку во однос на финансии. Секако дека стандардот во западните земји е повисок, но сите стандарди велат дека поголема причина е свесноста“, вели Ѓорѓев.