Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за нанесување тешка телесна повреда од член 131 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
При вршење семејно насилство тој со умисла тешко телесно ја повредил неговата сопруга. По кратка вербална расправија на 28 октомври во семејниот дом, осомничениот 67-годишен жител на селото Петровец физички ја нападнал сопругата, ја удирал со раце и нозе по целото тело и главата, ја гушел и се обидувал со каиш да и ги врзе нозете.
Жената на моменти губела свест, но успеала да се ослободи и преку прозорецот избегала кај соседите за да побара помош. Од семејното насилство се здобила со тешки повреди – скршеници на три ребра и хематоми.
Ценејќи ги сите околности, особено опасноста од бегство на осомничениот, но и веројатноста да го повторува насилството кое го вршел и во присуство на ќерките и малолетната внука, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.


