Поради тоа што вчера по полноќ две возила на ЕВН биле опожарени, полицијата го лишела од слобода во раните утрински часови Кренар Османи, кој е еден од членовите на организациониот одбор за протести против поскапување на електричната енергија.
Османи за ТВ21 вели дека полицијата го задржала до 8 часот наутро и против него е покрената кривична пријава со редовна судска постапка.
„Ме земаа на информативен разговор, потоа излезе приведувањето. Ме поврзуваат со опожарувањето на две возила на ЕВН, а во врска со мојата објава – „САКАТЕ ИГРА, ИГРА ЌЕ ИМАТЕ“. Во 8 часот ме ослободија и пријавата ќе оди во редовна судска постапка. Ќе биде кривично дело врз основа на член 828 алинеја 1, загрозување на општата безбедност и опожарување“, истакна Кренар Османи.
Од СВР Тетово, велат дека по расветлувањето и документирањето на случајот, против осомничениот ќе биде поднесена соодветна пријава.
„Полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода К.О.(43) од Тетово, поради сомнение дека во периодот од 00.40 до 01.10 часот на ул.„Иво Рибар Лола“ во Тетово со запалива течност предизвикал пожар во патничко возило „дачија дастер“, со скопски регистарски ознаки, и патничко возило „нисан“, со скопски регистарски ознаки, двете сопственост на „ЕВН“, кои целосно изгореле. Исто така, од пожарот било зафатено и патничко возило „голф“, со тетовски регистарски ознаки“, велат од СВР Тетово.
Инаку, во 18 часот се протестираше во неколку градови низ државата против поскапувањето на електричната енергија од 7,4 отсто. Ова е втор протест. Организациониот одбор на протестите бараат да се повлече одлуката за поскапување, воедно и цената на струјата да се намали, но и да се распушти Регулаторната комисија за енергетика бидејќи според нив таа не работи во интерес на граѓаните, туку на компаниите.
