Тетово пет дена без вода – кој ќе сноси одговорност?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Веќе 5 дена Тетово нема вода за пиење. На главната цевка што го снабдува градот со вода од водоводот во Лешница, настанал дефект поради одрон на земја. Од Јавното комунално претпријатие -Тетово велат се принудени да прават рестрикции и тоа од 08:30 до 11:00, попладне од 15:00 до 18:00, и од 00:00 по полноќ до 05:00 часот.

Како што објаснуваат од таму, екипите и денеска биле на терен и очекуваат до крајот на денот, дефектот да биде саниран и градот повторно да биде снабден со вода за пиење без ограничувања.

Активистот Аријанит Џафери, смета дека за оштетувањето на водоводот во Тетово треба да понесат одговорност повеќе институции, не само општината, бидејќи како што вели, дозволуваат изградба на хидроцентрали поради кои градот остана без вода сред пандемија.

Тетово со вода за пиење се снабдува од четири базени во градот и два водоводи. Последната мрежа е изградена пред 4 години, која граѓаните ги чинеше милиони евра, а на истата пред пет дена настана дефект. Ова не е првпат да бидат пријавени дефекти на овој водовод.