„Само во текот на денешниот ден ова е четвртото возило што заглавува во подвозникот во населбата Дарданија. Секогаш кога има интензивни врнежи, овој подвозник се блокира. Општинските власти велат дека имаат проект за решавање на овој проблем, но истиот сè уште не е реализиран.“, вели Сенат Зилбехари, дописникот на ТВ21 од Тетово.
Штом стигнаа екипите на телевизиите до подвозникот, пристигна и единицата на пожарникарите. Возачот беше заглавен во возилото, а според Авни Ахмети, претходно заглавило и едно семејство со дете. Била поставена и сигнализација за забрана на премин, но според Ахмети, не се почитува.
„Од утрово има насобрана вода тука во населбата Дарданија. Поставивме сигнализација дека оваа улица не е проодна, но несовесни граѓани влегуваат со возила и ја отстрануваат знаковната сигнализација што ја поставивме. Ги замолувам граѓаните да не ги користат овие подвозници затоа што ни создаваат проблеми и нам како пожарникари. Досега извлековме четири возила. Имавме и едно возило со дете внатре, и интервениравме“, рече Ахмети.
Од Општина Тетово велат дека се во состојба на готовност за интервенција каде што е потребно.
„Досега состојбата беше стабилна. Работниците од ЈПК Шари и ЈПК Тетово постојано се на терен. Информирани сме дека е интервенирано на неколку точки каде што било потребно“, изјави Бесарта Рамадани, потрпаролка на Општина Тетово.
Подвозникот во населбата Дарданија го поврзува полигонот за автошколите со градот, но и една населба со околу 100 куќи. Секогаш кога има врнежи, тетовските пожарникари ја испумпуваат водата за овој подвозник да остане прооден. Оваа населба нема канализација за фекални и атмосферски води.
