Тетово со висока ризичност – причина се непочитувањето на мерките и криењето на контактите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Само за една недела се евидентирани 205 нови случаи со Ковид-19 во Тетово. Ова покажува дека минатата недела бројот на заразени е двојно зголемен во однос на претходниот период.  Сузана Субасиќ од Центарот за јавно здравје вели дека заразените се над 30 години, а повеќе од нив имаат симптоми, но се во добра здравствена состојба.

Повеќето од случаите се заразиле на семејни собири, тоа според неа покажува дека не се почитуваат мерките. Според лекарите, поголемиот дел од случаите се како последица на криење на контактите и членовите на семејствата кои не одат во изолација.

Од Кризен штаб Тетово тврдат дека Клиничката болница нема проблем со леглата и медицински кадар, а досега во тетовските училишта и градинки заразени се 22 вработени.

„Во градинките Младост  во Тетово, 3 вработени се позитивни на Ковди 19. Во основните училишта 7 наставници и 1 администратор биле позитивни на Ковид 19, додека три одделенски групи се во домашна изолација. Во средните училишта каде се одвива учење од далечина, на 11 наставници им е дијагностициран ковид19“, велат од кризниот штаб од Тетово.

Од почетокот на пандемијата, во Тетово се направени 8 илјади тестови за Ковид-19, од нив 2 илјади биле позитивни, односно 30% од направените тестови, а 88 лица починале како последица на вирусот. Во моментов има 408 активни случаи.