Теута Арифи во емисијата „Клик Плус“ говореше околу обвинувањата кон неа што ги изнесе актуелниот градоначалник на Тетово, Биљал Касами. Според него, објавувањето на списокот имиња на ангажирани лица со договор на дело е тенденциозно и обид за дискредитирање на луѓето кои фигурираат на листата. Како што вели, не се сите со договори на дело.
„Не се сите со договори на дело, туку станува збор за различни плаќања кон физички лица, уште еднаш ќе повторам – со одлука на Советот, со разни решенија кои не значи дека треба да склучите договор на дело за да се направат и реализираат тие плаќања. Овој начин на дискредитирање на свои граѓани е навистина низок, доколку го правите селективно. Ви велам дека е селективно бидејќи вакви договори имало насекаде“, истакна Теута Арифи.
Во емисијата што се емитуваше в понеделник, Касами исто така откри дека биле купени околу 20 телефони од по 1.000 евра со општински пари за роднините на вработените, на што Арифи одговори:
-А за мобилните телефони што ги спомна синоќа, за што покренал тужба против вас?
-Па јас не сум телефонски оператор во општината г.новинар… е што сега? Јас бев….
Бројни прашања кои ги покрена градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, неговата претходничка Арифи ниту ги потврди, ниту ги негираше целосно. Постојано тврдеше дека Касами се обидува да ја дефокусира јавноста бидејќи не може да ги исполни дадените ветувања, па затоа на крај му испрати и една порака:
„Времето на Биљал Касами како „млада невеста“ заврши, би било добро да ја стави престилката и да се фати за работа!“, додава Теута Арифи.
