На анестезиологот Ваљтон Дервиши му е одземена лиценцата поради неетичко работење, потврди Лекарската комора.
„Судот на честа при Лекарската комора на Северна Македонија на денешната седница донесе одлука за привремено одземање на лиценцата на вработениот д-р Ваљтон Дервиши, специјалист анестезиолог, вработен во Клиничка болница Тетово“, велат од Лекарската комора.
Но министерот за здравство, Фатмир Меџити, вели дека постои веројатност на тик-ток анестезиологот, лиценцата да му се одземе трајно.
„Лекарската комора денеска одржува состанок, прво лиценцата ќе му биде одземена за 7 години, да не може да ја врши дејноста, потоа ќе одлучат правните органи, дали трајно ќе му биде одземена. Зависи, доколку се потврди дека има пропусти од законски аспект, а ние знаеме дека згрешил. Ќе ги оставиме надлежните, стручни, судски институциите да одлучат за понатаму и нормално дека ќе ги почитуваме сите судски одлуки“, порача Фатмир Меџити.
Судија на претходна постапка, Дервиши му ја продолжи мерката притвор за уште 30 дена. Тој е обвинет за „неодговорно работење“ и „неовластено снимање“. На 14 април анестезиологот од Тетово во претпладневните часови емитуваше во живо на социјалната мрежа Тик-Ток од гинекологија Тетово додека внатре имаше пациентки, но и други доктори, негови колеги.
