Платформата „ТикТок“ ќе ја плати казната од 12,7 милиони фунти (16,8 милиони долари) што ѝ ја изрече британскиот регулатор заради недоволна заштита на податоците, откако компанијата ја повлече жалбата против одлуката.
Канцеларијата на комесарот за информации (ИЦО) ја изрече казната во 2023 година бидејќи „ТикТок“ „не направил доволно“ за да го спречи користењето на платформата од страна на малолетни деца и да обезбеди соодветна употреба на нивните податоци.
Регулаторот процени дека до 1,75 милиони деца во Велика Британија помлади од 13 години ја користеле платформата во 2020 година, иако тоа било во спротивност со правилата на компанијата со кои се забранува создавање профил на таа возраст.
„ТикТок“ првично поднесе жалба против казната, но сега ја повлече, соопшти ИЦО, што значи дека глобалната платформа ќе мора да ја плати глобата.
Покрај тоа, ИЦО соопшти дека „ТикТок“ ја повлекол и жалбата против известувањето со кое од компанијата се бараат детали за начинот на кој ги обработува личните податоци на корисниците на возраст од 13 до 17 години во своите системи за препорачување содржини. Оваа жалба претходно го оневозможуваше регулаторот да ја продолжи истрагата за овие системи, кои ги користат платформите за социјални мрежи за профилирање на корисниците и за препорачување содржини врз основа на нивната активност на интернет.
Заменик-комесарката на ИЦО, Емили Кини, изјави дека начинот на кој компаниите ги дизајнираат онлајн услугите и ги користат личните информации на децата има значително влијание врз искуството на младите во дигиталниот свет.
„Нашата успешна постапка против ’ТикТок’ покажува колку е важно компаниите да имаат соодветни мерки за заштита, вклучително и за спречување на пристапот на деца кои се премногу млади за да ги користат нивните услуги. Отсекогаш јасно укажувавме дека оваа обработка не беше за посебни намени, а по одлуката на Вишиот трибунал, ја поздравуваме одлуката на ’ТикТок’ да ги повлече жалбите“, истакна Кини.
Од друга страна, портпаролот на „ТикТок“ изјави дека, иако компанијата не се согласува со одлуката на ИЦО од 2023 година, нејзините констатации се однесуваат на периодот од мај 2018 до јули 2020 година и не ги одразуваат бројните мерки и политики за безбедност на младите што се спроведени оттогаш.
