Торта и пофалби во Брисел, Албанија го прослави отворањето на сите ЕУ поглавја

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со торта Албанија во Брисел го прослави отворањето на последниот преговарачки кластер со Европската Унија. На седмата Меѓувладина конференција, официјално беше отворен Кластерот 5, кој ги опфаќа земјоделството и кохезијата.Со ова, Албанија за нешто повеќе од една година успеа да ги отвори сите шест преговарачки кластери, што беше оценето како напредок со „рекордна брзина“.

Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, рече дека ова е посебен ден не само за Тирана, туку и за Брисел, бидејќи докажува дека процесот на проширување дава резултати.

„Овој успех немаше да биде можен без цврстата политичка посветеност на Албанија и без силната посветеност на сите земји-членки на ЕУ да го поддржат напредокот на Албанија. Успехот на Албанија е резултат на работата на властите со граѓанското општество… и тоа е резултат на барањата на албанските граѓани кои сакаа промени… Затоа, Албанија е најдобриот пример за трансформирачката моќ на проширувањето“, вели Кос.

Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека земјата го постигнала она што до неодамна изгледало невозможно.

„Кој би помислил дека денес ќе бидеме тука и ќе ги отвораме сите кластери. До пред не толку долго време, тоа изгледаше невозможно, а ние бевме дојдени во ситуација да се навикнеме на одбивања. И да нè удираат директно во стомак. Но верувам дека целото патување нè направи посилни, посвесни за големината на овој процес и позрели. И ете нè денес — пред нешто што до пред нешто повеќе од една година беше само сон“, рече Рама.

Амбициите на Тирана сега се да ги финализира преговорите до крајот на 2027 година. Потоа би следел процесот на ратификација на договорот за членство од страна на земјите-членки,  по што Албанија се надева на полноправно членство во Унијата во 2030 година.

Албанија доби кандидатски статус во 2014 година, 9 години по Македонија која оваа година одбележува неславни 25 години во чекалната на Европската унија.