Секторот за внатрешни работи и Обвинителството во Куманово во предистражна фаза собираат информации во врска со подметнувањето пожари на три автомобили и објект во Куманово. Неофицијално се дознава дека властите обезбедиле снимки на осомничените лица од градските камери „Сејф сити„ и го лоцирале автомобилот со кој се движеле во раните утрински часови во понеделникот. Во врска со блокаторите на безбедносните камери, Тошковски, рече дека станува збор за добро организирана група која наскоро ќе биде откриена.
За инцидентите од 28 ноември и другите кои следуваа во разни градови, полицијата досега уапсила 18 лица, од кои 4 се во притвор за палењето на државното, но и албанското знаме. Но, министерот не кажа дали е покрената дисциплинска постапка против двајца полицајци кои во полициска униформа од јарбол отстранија албанско знаме.
Во врска со ова денеска реагираа од ДУИ.
„Овој молк на институциите, недостигот на правда, е двојна навреда за Албанците. Претставува опасна порака за легализирање на дискриминацијата и ја продлабочува подделбата во општество кое тврди дека е демократско и рамноправно за сите граѓани. Институциите треба да постапат веднаш. Албанското знаме е нашето достоинство и ние нема да дозволиме нашето достоинство да биде прегазено без последици“, велат од ДУИ.
Во реакцијата од коалицијата ВРЕДИ велат дека таканаречениот Европски фронт кој, според нив, ги прави последните напори, се обидува да предизвикува несигурност кај граѓаните. „Фактот што беше дестабилизиран Фронтот наречен „Европски“ не подразбира дека треба да се дестабилизира државата“ велат од ВРЕДИ, повикувајќи ги сите политички чинители да бидат обединети околу намерата за европска интеграција, a не за други ретроградни дејства.