Тошковски: Истрагата за запленетите 40 тони канабис резултира со кривична пријава за 10 лица

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против 10 лица за кои постојат основани сомненија дека се поврзани со нелегално производство и пуштање во промет наркотична дрога, соопшти министерот Панче Тошковски во „Клик Плус“.

Кривичната пријава е доставена до Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција и се однесува на сомненија за сторено кривично дело по член 215 од Кривичниот законик. Двајца од осомничените веќе се во 48-часовен притвор.

Тошковски, во емисијата „Клик Плус“, посочи дека пријавата е резултат на обемна истрага што МВР ја спроведува во координација со Обвинителството.

„Во оваа фаза од истрагата е поднесена кривична пријава за 10 лица за кои имаме основано сомнение дека се директно или индиректно поврзани со нелегално производство и пуштање во промет на произведената дрога“, изјави министерот.

Во рамки на контролите во повеќе производствени капацитети за т.н. медицински канабис низ државата, одземени се околу 40 тони марихуана. Според надлежна комисија, дел од дрогата не била третирана согласно законските прописи. Министерот нагласи дека дел од компаниите работеле законски и професионално, но кај други биле утврдени сериозни незаконитости.

„Индициите што ги имавме за нелегално производство, третман и чување се покажаа како точни и затекнатата дрога е одземена“, рече Тошковски, додавајќи дека останува прашањето каде би завршиле тие количини доколку не биле запленети.

Истрагата е поврзана и со неодамнешната заплена на дрога во Србија, за која, според министерот, постојат докази дека потекнува од Македонија. Тој нагласи дека случајот се води во тесна соработка со српските надлежни органи и отвори дилема околу функционирањето на заедничките гранични контроли во рамки на „One stop“ системот.

„Не е прашањето како излегла од Македонија, туку како влегла во Србија“, истакна Тошковски, посочувајќи дека македонската полиција ја контролира влезната точка во земјава, додека српските служби го контролираат влезот на нивна територија.

Паралелно со истрагата, Владата го задолжи Министерството за здравство и надлежната комисија, во соработка со МВР и други институции, да спроведат контроли во сите лиценцирани производствени капацитети. Целта, како што посочи министерот, е целосно утврдување на фактичката состојба и санкционирање на сите незаконитости.

„Мора најбрзо што може да ја утврдиме фактичката состојба и да ја запреме хаотичната состојба што ја наследивме“, подвлече Тошковски.

Од МВР најавуваат дека засилените контроли ќе продолжат и во наредниот период, со фокус на расчистување на сите случаи поврзани со незаконско производство и трговија со дрога.