Трагата на пејџерите кои експлодираа во Либан води до Будимпешта

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Пејџерите AR-924 што ги користеа милитантите на Хезболах, кои експлодираа во Либан во вторникот, при што загинаа најмалку 12 луѓе, а беа повредени 2.750, беа произведени од BAC Consulting Kft, регистрирана во унгарската престолнина Будимпешта.

Првично се мислеше дека производителот е тајванската компанија Gold Apollo, но нивниот извршен директор Хсу Чингкуанг одржа прес-конференција во средата, каде што објави дека пејџерите AR-924 нарачани од Хезболах се произведени од BAC под лиценца на Gold Apollo.

„Согласно договорот за соработка, ја овластивме BAC да го користи нашиот бренд за да ги продава производите во одредени региони, но дизајнот и производството на производите се единствена одговорност на BAC“, се вели во својата изјава Gold Apollo, пренесува 24.hu.

Унгарските медиуми открија информации за оваа компанија во неколку бази на податоци за деловни субјекти основани во Унгарија. BAC Consulting Kft е основана во 2022 година, а основна дејност на компанијата е бизнис менаџмент и бизнис консалтинг, а седиштето е во населбата Зугло во 14-тиот округ на Будимпешта.

Веб-страницата на компанијата на унгарски јазик сè уште беше достапна во средата наутро, но сега е подложена на одржување.

Краткиот опис на веб-страницата на BAC Consulting, која се занимава со многу работи – од консалтинг до продажба на накит – вели дека тие се занимаваат и со телекомуникациите.

Меѓу нивните основни активности, тие ја наведуваат и работата за „меѓународна технолошка соработка за продажба на телекомуникациски производи“ на пазарите на азиските и земјите во развој. Никаде на страницата не стои дека оваа компанија ги произведува, увезува или извезува пејџерите AR-924, оние што експлодираа во Либан. Минатата година BAC Consulting оствари 210 милиони форинти (околу 530 илјади евра) промет и 13 милиони форинти (околу 33 илјади евра) добивка, пренесува Telex.hu.

Унгарски новинари заминел до седиштето на компанијата и заклучиле дека тоа не е нејзиното вистинско седиште, а зградата каде што е регистрирана е седиште на давател на услуги, а неколку од нив се регистрирани таму.

Израелските разузнавачи вметнувале експлозивни состојки во илјадници пејџери за време на нивното производство, неколку месеци пред да бидат увезени од Хезболах, изјави во средата либански безбедносен извор.