Десет лица го загубиле животот а над 40 се повредени утрово, по излетување од патот на автобус со косовски регистарски таблички, на автопатот во близина на Славонски Брод во Хрватска. Несреќата се случила околу 6.20 часот утрото. Над 40 повредени патници се хоспитализирани во општата болница во Славонски Брод каде им е пружена потребната медицинска помош.
„Утрово, околу 6.20 часот се случила сообраќајна несреќа на автопатот, а станува збор за автобус со косовски регистарски таблички, во автобусот имало 67 патници и 2 возачи, за жал, 10 патници односно 9 патници и 1 возач го загубиле животот и во оваа прилика им изразувам сочувство на нивните семејства. 44 други патници се примени во општата болница во Славонски Брод каде им е пружена потребната медицинска помош, од нив, 8 се тешко повредени, 4 од нив се оперирани а другите се третираат, некои со потешки некои со полесни повреди.“, рече Дамир Трут, полициски службеник.
Од МНР на Косово соопштија дека 15 лица од повредените се во тешка состојба. А ова на прес конференција го потврди и шефот на хируршката болница во Славонски Брод Јосип Самарџиќ.
„Што се однесува до повредите, во вакви тешки несреќи имаме цела лепеза повреди, 15 пациенти се со тешки повреди во оваа несреќа, 2 од нив се на интензивна нега. Се преземаат сите мерки за нивно интензивно лекување и грижа“, рече Самарџиќ.
Автобусот кој се превртел се сообраќал од Франкфурт до Приштина со косовски државјани кои работат во Германија, а се враќале на одмор дома или кај своите семејства. Државниот врв на Хрватска, Косово, Албанија и Македонија изразија сочувство до семејствата на жртвите.
