Доживотна казна затвор е пресудата за 25-годишниот Трајче Бојковски од Старо Нагоричане, кого Основниот суд во Куманово го прогласи за виновен за четири убиства и два обида за убиство на жени.
Бојковски е осуден за убиствата на Станче Каровска, Јанка Антевска, Марија Маринковска и Мира Станковска. Според утврденото во судската постапка, делата биле извршени во периодот од јануари 2025 до февруари 2026 година, а жртвите главно биле повозрасни и немоќни жени кои живееле сами.
Првото убиство се случило ноќта меѓу 5 и 6 јануари 2025 година во селото Клечовце. Второто било извршено во периодот од 5 до 7 јуни истата година во селото Драгоманце.
Во предметот се опфатени и два обида за убиство во селото Челопек. Првиот се случил на 22 јули 2025 година, кога жената успеала да повика помош и да го спречи напаѓачот, по што тој побегнал. Вториот обид, според обвинителството, се случил на 9 февруари 2026 година, кога Бојковски се откажал од намерата и го напуштил местото.
Меѓу делата за кои е осуден се и убиството на жена во Старо Нагоричане во јануари 2026 година, како и убиството на повозрасна жена во Челопек во февруари истата година.
Со изрекувањето на доживотната казна затвор, Основниот суд во Куманово донесе првостепена пресуда за случајот со четирите убиства и двата обида за убиство.
