Трамп донесе одлука по скандалот со чет групата на Сигнал

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, изјави дека никој нема да биде отпуштен поради пропуст во националната безбедност, откако новинар по грешка бил додаден во групен разговор на апликацијата Сигнал, каде што се дискутирало за нападите врз Јемен.

Претходно оваа недела, советникот за национална безбедност, Мајкл Волц, по грешка го додал главниот уредник на списанието „Атлантик“, Џефри Голдберг, во групен чет со високи членови на администрацијата на Трамп, кои разговарале за плановите за напад врз Хутите на почетокот на овој месец.

Белата куќа се обиде да ја намали важноста на инцидентот, а Трамп повеќепати во интервју за NBC News, партнерската мрежа на Sky News, зборуваше за „лажни вести“ во врска со случајот.

„Не отпуштам луѓе поради лажни вести и хајки“, изјави Трамп и додаде дека сè уште има доверба во Волц и министерот за одбрана Пит Хегсет, кој исто така бил во Дигнал четот и испратил детален временски распоред на планираните напади пред да се случат.

Трамп остана доследен на тврдењето дека станува збор за лажни вести.

„Мислам дека тоа е само хајка и лажни вести, како што постојано зборувате за тоа, но тоа е само хајка и не треба да се зборува за тоа. Имавме исклучително успешен напад. Ударивме многу силно и многу смртоносно. А никој не сака да зборува за тоа, туку сите сакаат да зборуваат за глупости. Тоа се лажни вести“, изјави Трамп.