Трамп: Донесов одлука за ракетите „Томахавк“ за Украина

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека „донел одлука“ за продажба на ракети „Томахавк“ со долг дострел на земјите-членки на НАТО, за потоа тие да бидат испорачани во Украина.

Украинските власти тврдат дека овој тип на ракети би овозможиле Киев да може да напаѓа воени цели длабоко во Русија, и би помогнале во одвраќањето на рускиот лидер Владимир Путин и би ја принудиле Москва да преговара по поповолни услови.

Рускиот претседател Владимир Путин во неделата изјави дека испораката на Томахавците во Украина би претставувала „сосема нова, квалитативно нова фаза на ескалација“.

Путин нагласи дека Украина нема да може да ги користи овие ракети без директно учество на САД, што, според него, би довело до директен конфликт меѓу Русија и САД и би уништило секаков позитивен напредок во односите меѓу двете земји.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го замолил Трамп за време на нивниот состанок на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации минатиот месец да ѝ обезбеди на Украина ракети „Томахавк“, што би ѝ дало можност да погодува цели во Русија дури и во Москва.

Експертите пред неколку дена во изјава за Ројтерс тврдеа дека малку е веројатно дека САД ќе се реши да испорача „Томахавк“ на Украина.