Преговорите за Украина денеска влегуваат во „решавачка недела“, предвидуваат САД. Овие надежи ги изрази американскиот државен секретар Марко Рубио, додека борбите не покажуваат знаци на стивнување, пренесе АФП.
Русија изврши напад со 150 беспилотни летала и проектили во неделата вечерта, при што загинаа четири лица во источна Украина, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски. Москва, од друга страна, најави „целосно ослободување“ на Курската област, што Украина го демантираше.
„Ние сме блиску (до договор), но не доволно блиску“, изјави вчера американскиот државен секретар Марко Рубио за телевизијата NBC. „Мислам дека оваа недела ќе биде клучна“, додаде тој.
Вашингтон не откри детали од својот мировен план, но предложи линијата на фронтот да биде замрзната и Киев да и го отстапи Крим на Русија во замена за прекин на непријателствата – предлог за кој Киев дури и одбива да разговара.
Спротивно на изјавите на Зеленски, Трамп вчера изјави дека верува оти украинскиот лидер е подготвен да се откаже од Крим. „Мислам дека е така. Тоа нешто на Крим беше пред 12 години“, рече Трамп како одговор на новинарско прашање дали верува дека Зеленски е подготвен да го „предаде“ полуостровот, анектиран од Русија во 2014 година.
Американскиот претседател во последните денови изрази сомнеж во подготвеноста на Владимир Путин да стави крај на војната.
„Сакам да престане да пука. Седнете и потпишете го договорот“, инсистираше вчера Трамп. „Имаме основа на договор, јас верувам во тоа и сакам тој да го потпише“, додаде американскиот претседател.
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус, од своја страна, вчера изјави дека Украина не треба да ги отстапи сите територии окупирани од Русија, како што би сакал Доналд Трамп.
„Украина, се разбира, одамна знае дека прекинот на огнот или траен и кредибилен мировен договор може да вклучува територијални отстапки“, рече тој на телевизијата „Ард де“. „Но, тие сигурно нема да одат толку далеку – или не треба да одат толку далеку – како последниот предлог на американскиот претседател“, додаде тој.
Русија окупира околу 20% од украинската територија, вклучувајќи го и Крим.
Во саботата, началникот на рускиот Генералштаб, Валери Герасимов, го увери претседателот Владимир Путин дека регионот Курск е целосно „ослободен“ од присуството на украинските војници.
Генералот конкретно го пофали „херојството“ на севернокорејските војници кои се борат на страната на Русија – првото официјално признание од Москва за нивното учество во војната.
Северна Кореја, исто така, денеска за прв пат го потврди присуството на свои војници во Русија за да учествуваат „во операциите за ослободување на регионот Курск“ во рамките на спогодбата за заемна одбрана меѓу двете земји. Државната агенција КЦТА увери дека воените напори на овие војници биле „крунисани со победа“.
