Трамп ги одложи царините за Мексико, па го нападна Трудо

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека Мексико нема да мора да плаќа царина за стоки опфатени со трговскиот договор меѓу двете земји и Канада до 2 април.

Трамп не потврди дали суспензијата се однесува и на Канада, но Канаѓаните очекуваат изземање „од иста природа“, изјави за Би-Би-Си извор од канадската влада.

Трамп веќе најави дека привремено ќе ги поштеди автопроизводителите од увозни даноци од 25 проценти само еден ден откако ќе стапат на сила.

Американскиот секретар за трговија Хауард Лутник претходно денеска најави дека привременото ослободување од царините за увоз на автоделови од Канада и Мексико може да се прошири на сите производи кои се дел од Договорот на САД, Мексико и Канада (USMCA).

USMCA беше основана за време на првиот мандат на Трамп. 34-те поглавја од договорот се однесуваат на автомобили, млечни производи и дрва, но и финансиски услуги. Договорот предвидува ревизија на секои шест години.

Шејнбаум: Имавме одличен разговор

Трамп се огласи на својата социјална мрежа Truth Social.

„По разговорот со мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум, се согласив дека Мексико нема да мора да плаќа тарифи за ништо што спаѓа во договорот USMCA. Тоа важи до 2-ри април. Го направив тоа од почит кон претседателката Шејнбаум. Нашите односи беа многу добри и работиме напорно заедно на границата, како во однос на спречувањето на илегалните мигранти да влезат во САД, така и во однос на запирање на фентанил. Благодарам на Шејнбаум за напорите и соработката“, додаде Трамп.

Шејнбаум рече дека разговорот со Трамп бил „одличен и со почит“. Таа додаде дека двете земји ќе работат заедно за да го запрат протокот на опиоидниот фентанил од Мексико во САД и да ја ограничат трговијата со оружје што оди во спротивна насока.

Трамп: Трудо го користи ова прашање за повторно да се кандидира за премиер

Канадскиот премиер Џастин Трудо им рече на новинарите дека коментарите на Лутник кои сугерираат дека одложувањето на тарифите може да се однесува на Канада се „ветувачки“.

Подоцна се очекува да биде објавено ослободување за Канада, и покрај тоа што Трамп го нападна Трудо на социјалните мрежи во изминатиот час, велејќи дека направил „ужасна работа“ за Канада.

„Верувале или не, и покрај ужасната работа што ја заврши за Канада, мислам дека Џастин Трудо го користи проблемот со царините, што во голема мера го предизвика, за повторно да се кандидира за премиер. Многу забавно за гледање“, напиша Трамп.

Во исто време, премиерот на Онтарио, Даг Форд, објави за Си-Ен-Ен дека канадската провинција ќе продолжи со тарифите од 25 отсто за електричната енергија што ја испорачува на 1,5 милиони домови и бизниси во Њујорк, Мичиген и Минесота почнувајќи од понеделник.

Три економии длабоко интегрирани

USMCA стапи на сила во 2020 година по долгогодишни преговори и ревизии. Тоа беше обновување на Северноамериканскиот договор за слободна трговија, кој беше создаден во 1994 година. Стоки во вредност од милијарди ги минуваат границите на САД, Канада и Мексико секој ден, а нивните економии се длабоко интегрирани.

Воведувањето царини предизвика трговска војна меѓу САД, нивните соседи и Кина. Трамп тврдеше дека воведувањето царини ќе ја заштити американската индустрија и ќе го зголеми производството. Сепак, многу економисти предупредуваат дека царините може да доведат до повисоки цени за американските потрошувачи.

Како одговор на првичните царини на Трамп од 25 проценти, Канада и Мексико исто така објавија одмазднички тарифи за увозот. Претходно денеска, Министерството за трговија откри дека американскиот увоз нагло пораснал во јануари поради стравувањата од царини.