Трамп контра неговите разузнавачки агенции: „Грешат, Иран развива нуклеарно оружје“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Американскиот претседател Трамп вели дека неговиот директор на националното разузнавање „погрешил“ во врска со нуклеарната програма на Иран.

Тулси Габард, директорката на националното разузнавање, во март пред конгресот кажа дека американските шпионски агенции веруваат дека Иран не донел одлука за изградба на нуклеарно оружје.

Во разговор со новинарите по слетувањето во Њу Џерси, Трамп беше прашан за таа проценка и одговори.

Репортер: Какви разузнавачки информации имате дека Иран прави нуклеарно оружје? Вашата разузнавачка заедница изјави дека немаат докази дека во овој момент го прават тоа?

Трамп: Па, тогаш мојата разузнавачка заедница греши. Кој во разузнавачката заедница го кажа тоа?“

Репортер: Вашата директорка Националното разузнавање, Тулси Габард.

Трамп: Таа греши!

На прашањето за пораката на иранскиот министер за надворешни работи до САД да го повикаат Израел да престане со нападите, со цел да се седне повторно на преговарачка маса за нуклеарниот договор, Трамп вели:

-Па, мислам дека е многу тешко да се постави тоа барање во моментов. Ако некој победува, малку е потешко да се направи отколку ако некој губи. Но, ние сме подготвени, желни и способни, и разговаравме со Иран и ќе видиме што ќе се случи. Ќе видиме што ќе се случи, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Пред два дена излегоа информации, а самиот Трамп потврди, дека САД размислуваат да го нападнат Иран. Наводно планот е одобрен, но се уште нема зелено светло од Трамп за извршување на било каков напад. Но, некои американски медиуми објавија дека Трамп донел одлука да не го напаѓа Иран се додека иранската војска не нападне директно американски објекти или американски државјани.