Трамп објави доверливи документи за убиството на Кенеди

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп денес објави транша од претходно доверливи документи поврзани со убиството на поранешниот сенатор Роберт Ф. Кенеди (RFK) во 1968 година.

Трамп нареди објавување на документите за убиствата на Роберт Ф. Кенеди, како и на поранешниот претседател Џон Ф. Кенеди (JFK), по неговото враќање во Белата куќа во јануари. Двата атентати со децении ја фасцинираат американската јавност, поттикнувајќи прашања за тоа дали официјалната верзија е вистинита.

Ветувањето на Трамп за објавување на документите за убиството на RFK е исполнето отприлика еден месец откако беа објавени и претходно доверливите документи за убиството на оберт Ф. Кенеди.

Шефицата на разузнавањето му се заблагодари на Трамп

Директорката на Националната разузнавачка служба, Тулси Габард, изјави дека „американскиот народ првпат ќе има можност да ја прегледа истрагата на федералната влада благодарение на лидерството на претседателот Трамп“.

„Мојот тим е почестен што претседателот ни довери да ги предводиме напорите за декласификација и да ја осветлиме долгоочекуваната вистина. Искрено му се заблагодарувам на Боби Кенеди и на поддршката од неговото семејство“, напиша таа.

Американскиот министер за здравство Роберт Ф. Кенеди Јуниор, син на покојниот сенатор, овој потег го опиша како „неопходен чекор за враќање на довербата во американската влада“.

„Му оддавам признание на претседателот Трамп за неговата храброст и посветеност на транспарентноста. Исто така сум благодарен и на Тулси Габард за нејзините упорни напори за откривање и декласификација на овие документи“, нагласи тој.

Постојат уште 50.000 страници документи

Администрацијата на Трамп ги постави документите на веб-страницата на Националниот архив: archives.gov/research/rfk. Објавени се повеќе од 10.000 страници документи. Сѐ уште постојат дополнителни 50.000 страници, а федералните агенции работат на тоа и тие записи да станат достапни.

Роберт Ф. Кенеди беше главен државен обвинител и подоцна сенатор од Њујорк. Убиен е на 5 јуни 1968 година во Лос Анџелес. Тогаш 24-годишниот Сирхан Сирхан беше уапсен и осуден за атентатот.