Американскиот претседател Доналд Трамп денес објави дека најмалку седум земји ќе бидат погодени со високи, унифицирани царини за извоз во САД од 1 август, откако објави серија писма упатени до нивните лидери.
Според објавите на социјалната мрежа Truth Social, новиот царински режим вклучува царина од 25% за стоки од Јапонија, Јужна Кореја, Малезија и Казахстан, 30% царинска давачка за увоз од Република Јужна Африка, 40% царина за Лаос и Мјанмар.
Сите писма се означени како официјални документи потпишани од претседателот и претставуваат први официјални известувања пред истекот на претходниот рок за повторно воведување на царинските давачки, кој првично беше закажан за оваа среда.
Портпаролката на Белата куќа, Каролина Ливит, објави дека вкупно 14 писма ќе бидат испратени во понеделник, а уште повеќе ќе бидат испратени во наредните денови.
Таа, исто така, потврди дека претседателот ќе потпише извршна наредба со која ќе се помести спроведувањето на царините од 10 јули на 1 август.
