Трамп: Од вечерва десетдневно примирје меѓу Израел и Либан!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека Израел и Либан вечерва ќе започнат десетдневен прекин на огнот.

Трамп во објава на социјалната мрежа Truth Social прецизираше дека примирјето ќе стапи во сила во 17 часот по источноамериканско време, односно во 23:00 часот по средноевропско време.

Тој наведе дека во текот на денот имал „одлични разговори“ со претседателот на Либан Жозеф Аун и премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху.

„Овие двајца лидери се согласија дека, за да постигнат МИР меѓу своите земји, официјално ќе започнат десетдневно примирје во 17 часот по источноамериканско време“, напиша Трамп.

Тој потсети дека претставници на двете земји, за првпат по 34 години, во вторникот во Вашингтон се сретнале со американскиот државен секретар Марко Рубио.

„Му наложив на потпретседателот Џеј Ди Венс и на државниот секретар Рубио, заедно со началникот на Здружениот генералштаб, Ден Кејн, да соработуваат со Израел и Либан за да се постигне траен МИР. За мене беше чест да решам девет војни ширум светот, а ова ќе биде мојата десетта, па да го направиме тоа“, порача Трамп, пренесува Танјуг.

Американскиот претседател најави дека ќе ги покани Нетанјаху и Аун во Белата куќа на првите сериозни разговори меѓу Израел и Либан од 1983 година.

Кабинетот на либанскиот претседател Жозеф Аун потврди дека тој денеска разговарал телефонски со Трамп, а според извештај на катарската телевизија „Ал-Араби“, американскиот претседател изјавил дека објавата за примирје во Либан се очекува во наредните часови.

Аун му се заблагодарил на Трамп за напорите за обезбедување примирје во Либан, се наведува во соопштението, пренесува „Тајмс оф Израел“.

Трамп возвратил со изразување поддршка за владата на Аун и нагласил дека е посветен на исполнување на барањето на Либан за постигнување примирје.

Либанските и арапските медиуми претходно објавија дека американскиот претседател разговарал со либанскиот претседател, а според „Скај њуз“, ова е прв разговор меѓу двајцата лидери откако Аун ја презеде функцијата во јануари минатата година.

Аун на социјалните мрежи наведе дека повторно му се заблагодарил на претседателот на САД за напорите за постигнување примирје и обезбедување траен мир и стабилност.

Тој исто така изразил желба непријателствата да престанат „во најкраток можен рок“.

Во исто време, неименуван израелски претставник од одбранбениот сектор изјавил за американскиот портал Axios дека примирјето би можело да биде објавено уште вечерва.

Претседателот на САД синоќа, во објава на Truth Social, наведе дека се обидува да обезбеди „малку простор за предах“ меѓу Израел и Либан.

Претставници на двете земји во вторникот разговарале во Вашингтон за конфликтот, што е прв ваков контакт од 1993 година, пренесува Танјуг.