Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека верува оти се прави значителен напредок кон завршување на војната во Украина, по телефонскиот разговор што го имал со рускиот претседател Владимир Путин.
Говорејќи на настан во Белата куќа во Вашингтон, Трамп оцени дека преговорите се „многу поблиску до решение отколку што мислат луѓето“.
„Претседателот Путин исто така сака војната да заврши. Верувајте ми кога ви велам. Разговорот беше добар. И претседателот Володимир Зеленски сака конфликтот да заврши веднаш“, изјави Трамп.
Тој додаде дека телефонскиот разговор со Путин поминал во позитивна атмосфера и дека очекува темата за Украина да биде една од клучните на претстојниот Самит на НАТО.
„Имав многу добар разговор и мислам дека се приближуваме до крајот. Ќе разговараме за ова и со сојузниците во НАТО и верувам дека ќе успееме да ставиме крај на војната“, рече Трамп.
Војната во Украина трае од февруари 2022 година, кога Русија ја започна својата целосна инвазија. Во меѓувреме, борбите продолжуваат, при што последните руски ракетни напади предизвикаа нови жртви во Киев и други украински градови, додека украинските сили изведуваат напади врз руска нафтена инфраструктура и стратешки цели поврзани со Крим.
