Трамп: Постои „добра шанса“ за нуклеарен договор со Иран

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека постои „многу голема веројатност“ САД и Иран да постигнат договор што ќе го спречи Техеран да се здобие со нуклеарно оружје, објави ТВ21.

Тој додаде дека, на барање на сојузниците од Блискиот Исток, ги одложил планираните воени напади врз Иран до денес, со цел да ги продолжи преговорите со Техеран, објави Ројтерс .

Според Трамп, лидерите на Катар, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати побарале одложување на воената операција.

„Ако можеме да го решиме ова без бомбардирање, би бил многу среќен“, изјави Трамп пред новинарите, додавајќи дека САД остануваат подготвени за голема воена акција доколку не се постигне договор.

Претходно, Трамп предупреди дека на Иран „му истекува времето“ и дека треба „брзо да дејствува“.

Иран синоќа објави дека одговорил на новиот американски предлог за прекин на конфликтот на Блискиот Исток, кој започна на 28 февруари со напади на САД и Израел врз Иран. Кревкото примирје е во сила од 8 април.

Сепак, аналитичарите проценуваат дека обете страни продолжуваат да имаат значително спротивставени позиции.

Иранските медиуми објавија дека Вашингтон доставил предлог од пет точки, меѓу кои е Иран да одржува само еден активен нуклеарен објект и да ги префрли своите резерви на збогатен ураниум во Соединетите Американски Држави.