Американскиот претседател Доналд Трамп денес изјави дека пукањето за време на свечената вечера на Здружението на дописници од Белата куќа, на која и самиот присуствувал, нема да го одврати од војната во Иран, додавајќи дека верува оти инцидентот најверојатно не е поврзан со тој конфликт.
„Тоа нема да ме одврати од победа во војната во Иран. Не знам дали има каква било поврзаност со тоа, навистина не мислам така, врз основа на она што го знаеме“, изјави Трамп пред новинарите во Белата куќа, на прес-конференција по инцидентот, пренесува „Гардијан“.
Непосредно по пукањето во хотелот Вашингтон Хилтон во Вашингтон, каде се одржувала свечената вечера, тој изјави дека „никогаш не се знае“ дали инцидентот може да биде поврзан со војната во Иран, додавајќи дека истражителите се обидуваат да го утврдат мотивот на напаѓачот, за кого рече дека бил „осамен волк“, односно делувал сам.
Трамп, заедно со останатите присутни на вечерата на Здружението на дописници од Белата куќа, во текот на ноќта бил евакуиран од хотелот поради вооружен маж кој отворил оган на контролен пункт во лобито на истиот хотел, каде во 1981 година Џон Хинкли се обиде да изврши атентат врз тогашниот претседател Роналд Реган.
Полицијата го идентификувала осомничениот како Кол Томас Ален, 31-годишен маж кој живее во предградието на Лос Анџелес, Калифорнија.
