Трамп: Путин сонуваше да ја преземе цела Украина, но јас нема да му дозволам

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Актуелниот американски претседател Доналд Трамп зборуваше за војната во Украина во интервју за ABC News емитувано синоќа.

Во интервјуто, кое се фокусираше на првите 100 дена од новиот мандат на Трамп, водителот го праша за неговите спротивставени ставови за мировните преговори.

Трамп пред неколку дена кажа дека можно е Путин да си игра со него кога се во прашање преговорите. Трамп го даде коментарот веднаш по средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Ватикан на 26 април. „Нема причина Путин да испукува ракети врз цивилни области, градови и села во последните денови“, напиша Трамп во тоа време.

„Затоа мислам дека можеби тој воопшто не сака да ја заврши војната, туку само ме вовлекува во игра, и можеби треба да се изврши притисок врз него поинаку, со банкарски или секундарни санкции“ додаде Трамп во објавата.

На прашањето дали смета дека Путин ги одложува преговорите, Трамп рече:

„Можно е. Можеби малку одложува, но би рекол дека сепак би сакал да ја запре војната“, рече Трамп за време на интервјуто. 

Американските претставници нагласија дека оваа недела ќе биде клучна за одлучувањето за понатамошно вклучување на САД во мировните напори, во време кога незадоволството на Трамп расте.

На 28 април, Путин објави тридневен прекин на огнот од 8 до 11 мај по повод 80-годишнината од победата на Советскиот Сојуз над нацистичка Германија, што специјалниот пратеник на Трамп, Кит Келог, го нарече „апсурдно“.

Кога беше прашан дали му верува на Путин, Трамп избегна јасен одговор и во жестока размена со новинарот рече:

„Не им верувам на многу луѓе. Ниту вам не ви верувам“.

„Путин сонуваше да ја преземе целата земја. Мислам дека нема да му дозволам да го стори тоа“, заклучи Трамп.