Трамп тврди дека ја убедил Кока-Кола да го промени рецептот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека компанијата Кока-Кола се согласила да премине на користење шеќер од трска наместо сируп од пченка со висока фруктоза во своите пијалоци што се продаваат на американскиот пазар. Одлуката, според Трамп, е резултат на директен разговор со раководството на компанијата.

„Разговарав со Кока-Кола за користење вистински шеќер од трска во САД и тие се согласија да го сторат тоа. Би сакал да им се заблагодарам на сите што се на власт во Кока-Кола“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Truth Social, пренесува агенцијата Hina.

Од Кока-Кола потврдија дека наскоро ќе објават повеќе детали за новите производи и нагласија дека го ценат ентузијазмот на Трамп за нивниот бренд. Компанијата со седиште во Атланта традиционално користи сируп од пченка со висока фруктоза за американскиот пазар, додека во други земји, како Мексико и некои делови од Европа, пијалокот се засладува со шеќер од трска.

Овој потег е дел од пошироката иницијатива на администрацијата на Трамп наречена „Направете ја Америка повторно здрава“ (MAHA), која е усогласена со здравствените политики на секретарот за здравство Роберт Ф. Кенеди Џуниор. Иницијативата има за цел да поттикне прехранбените компании да ги елиминираат вештачките состојки и да се фокусираат на природни засладувачи и “цела храна”.

Кенеди веќе има истапено со критики за преголемата употреба на шеќер и вештачки адитиви во американската исхрана, најавувајќи нови упатства за здрава исхрана кои ќе бидат објавени во текот на летото. Очекувањата се дека овие промени ќе поттикнат и други производители да ги преразгледаат состојките во своите производи.