Трамп: Војната со Иран ќе заврши оваа година, цената на горивата ќе падне како камен

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на САД, Доналд Трамп, повтори дека војната со Иран ќе заврши оваа година, можеби веднаш по среднорочните ноемвриски избори за американскиот Конгрес. Неговата изјава влијаеше и врз цените на нафтата.

„Иран нема да заврши веднаш потоа, можеби и порано, но ќе заврши веднаш по среднорочните избори. Цената на горивата ќе падне како камен“, изјави Трамп.

Во меѓувреме, Трамп денеска побара од украинскиот претседател Володимир Зеленски да престане да ја гаѓа руската нафтена инфраструктура. „Разговарав со господинот Зеленски за ова. Има многу други цели. Не ја гаѓајте нафтата“, рече Трамп. „Мора да престанете да ја гаѓате нафтата во Русија.“

Тој се осврна и на вештачката интелигенција, велејќи дека „многу негативни сили“ отвораат прашања поврзани со ВИ за кои, според него, нема да има потреба, а воедно нагласи дека сака да обезбеди САД да го задржат своето лидерство во оваа област.

„Ние сме пред Кина во вештачката интелигенција. Ние сме технолошки најнапредната земја во светот и, искрено, сакам да останеме такви, бидејќи кој и да победи во вештачката интелигенција, победува“, изјави американскиот претседател, одговарајќи на прашањето дали секторот на вештачката интелигенција треба да се забави или дополнително да се регулира.

„Можеме да поставиме заштитна рамка. Можеме да го направиме едното или другото. Но, мислам дека има многу негативни сили кои го отвораат ова прашање и не треба да го прават тоа, и отвораат прашања што нема да се случат.“, рече Трамп.