Трамп воведува царини до 245% за Кина

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Трговската војна меѓу двете најголеми светски економии жестоко ескалира. Белата куќа објави дека Кина сега може да биде погодена со тарифи од дури 245 проценти за извозот во САД како резултат на нејзините „одмазднички мерки“.

Ова е највисоката царинска стапка спомената досега, која беше наведена во документот штотуку објавен, заедно со извршната наредба потпишана од американскиот претседател Доналд Трамп. Таа наредба најави истрага за ризиците за националната безбедност на САД поради зависноста од увоз на преработени критични минерали и сродни производи.

На денешната прес-конференција портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Лин Џијан беше прашан за тарифната стапка од 245 проценти. Тој одговори дека „за конкретни бројки, треба да се контактира американската страна“, објави кинеската државна агенција „Глобал тајмс“.

Трамп претходно воведе основна царина од 10 отсто за увоз од сите земји, но привремено ги замрзна дополнителните „реципрочни“ царински стапки, кои требаше да се одредуваат поединечно по земја во зависност од бариерите што тие ги поставуваат на американските производи. Единствената земја од тоа замрзвнување е Кина, која сега се соочува со дополнителен бран царини.