Традиционалната годишна гала-вечера со новинари во Вашингтон, еден од најзначајните општествено-политички настани во американската престолнина, во саботата вечер се претвори во драматичен инцидент кога вооружено лице се обидело да влезе во просторот каде што се одржувал настанот. Вечерата се одржувала во хотелот „Хилтон“, а на неа присуствувале бројни новинари, членови на владата, дипломати и припадници на вашингтонската елита, меѓу кои и американскиот претседател Доналд Трамп со сопругата Меланија.
Атмосферата на опуштено дружење во еден момент се претворила во паника. Според AFP, гостите по ненадејна силна бучава пред големата сала почнале да се спуштаат и легнуваат на подот. Во моментот на инцидентот, Доналд Трамп се наоѓал на главната маса на подигната платформа.
Според извештајот, првично останал смирен, но ситуацијата брзо ескалирала кога припадници на Тајната служба влегле во салата со оружје. Под големиот транспарент на Здружението на дописници од Белата куќа, обезбедувањето се искачило на сцената и започнало итна евакуација на највисоките функционери.
Претседателот Трамп бил изнесен од салата заедно со сопругата Меланија, потпретседателот Џ. Д. Венс, портпаролката Каролин Левит и други членови на администрацијата. Целата операција била спроведена под силно обезбедување и во рекордно време.
Според достапните информации, осомничениот напаѓач легално набавил две огнени оружја во 2023 и 2025 година. Полицијата наведува дека претходно не бил познат на безбедносните служби. Потврдено е и дека, согласно стандардните безбедносни процедури, идентитетите на сите присутни во хотелот биле проверени во државни бази на податоци.
По инцидентот, Доналд Трамп се огласил на платформата Truth Social, каде изнел тврдење дека пукањето е поврзано со инфраструктурни проекти на Белата куќа. Тој нагласил дека настанот е дополнителен доказ за потребата од изградба на голема и максимално безбедна сала во рамките на комплексот на Белата куќа, додавајќи дека „ова никогаш немаше да се случи доколку таква сала веќе постоеше“.
Проектот за изградба на нова сала се проценува на околу 400 милиони долари. Трамп го опишува како објект со највисоко ниво на безбедност, без простории над него кои би претставувале ризик, сместен во, како што тврди, најзаштитениот комплекс во светот. Тој го критикувал и правниот спор кој го запрел дел од работите, нарекувајќи ја тужбата апсурдна.
Претседателот повикал на итно продолжување на проектот, истакнувајќи дека изградбата се одвива во рамки на буџетот и побрзо од планираното. Сепак, проектот подолго време предизвикува контроверзии околу безбедноста, јавните трошоци и зачувувањето на историскиот изглед на комплексот на Белата куќа.
