Косовските граѓани кои се осудени за настаните во Диво Насеље во Куманово се уште не знаат зошто сè уште не се одговара на нивното барање за префрлање во Косово. Еден од адвокатите Насер Рауфи за ТВ21 изјави дека барањето е доставено до Министерството за правда, но се одложува поради немање превод на предметот.
„Се сеќавате дека ја чекавме пресудата, всушност преводот на пресудата траеше повеќе од 6-7 месеци за да се преведе, па се сеќавате дека Апелациониот суд го врати, бидејќи не беше преведен и тоа практично се повторува во случајот за трансфер, нашата информација е дека причина е преводот на документацијата“, вели Насер Рауфи.
Друга причина за одолговлекувањето на случајот, според другиот адвокат Ибрахим Бајрами, е немањето правосилна клаузула за првостепената пресуда, без која, како што објаснува, им се ускратени правата не само во барањето за трансфер, туку и во поднесување апликации во Стразбур.
„Ве уверувам дека не можат ни да се допрат додека на првостепената одлука не се стави печат со датум за правосилност на првостепената одлука и нејзината извршност. Ние како одбрана и обвинетите, одлуките од Врховен суд ги добивме уште пред три ипол месеци, некаде во јануари, поднесувањето на апликациите во Стразбур сега со новите закони е 4 месеци. Ова ни го ускратува правото и ние доколку сега ја поднесеме апликацијата во околности кога сметаме дека им е ускратено правото на осудените и одбраната без правосилната клаузула, ние и таму не можеме да направиме ништо“, вели Ибрахим Бајрами.
Во наше присуство, адвокатот праша дали е готова клаузулата со која се потврдува правосилноста, но Кривичниот суд повторно го извести дека нема да може да го потврди датумот на правосилноста на пресудата.
За ова прашање пред неколку дена беше прашан и министерот за правда Никола Тупанчевски, кој рече дека се работи за сложен правен процес каде министерството треба да анализира многу фактори, па се уште не е донесена одлука.
Инаку, косовските власти официјално не поднеле барање за екстрадиција на осудените, но осудените за овој предмет поднеле барање за префрлање во матичната земја за издржување на казната.