Македонија е на дното по борбата на корупцијата, односно на најновата листа на Транспаренси интернешнел, се најде на 111 место од 180 држави.
Оваа година Македонија го забележи најниското рангирање во историјата, уште од 2001 година кога се најде во овој извештај за прв пат. Нема промени во поените во споредба со минатата година, но земјата има пад од осум места во споредба со рангирањето од 2012 година.
Македонија е во рангот со земји како Панама, БИХ и Монголија.
Македонија е најлоѓа во регионот и според перцепцијата на корупција. Пред земјата се наоѓаат Словенија (35 место), Грција (59), Хрватска (63), Црна Гора (67), Бугарија (69), Србија (94), Албанија и Косово (104). Босна и Херцеговина, пак, се наоѓа на исто место со земјава – 111.
Од сите европски држави полоши од С. Македонија според Индексот се само Украина, Молдавија и Русија.
Во светски рамки Нов Зеланд и Данска се држави за кои има пепцепција како најмалку корумпирани, а зад нив следуваат и Финска, Швајцарија, Сингапур и Шведска. Како најкорумпирани земји во светот се перцепираат Сомалија и Јужен Судан, а на последните пет позиции се уште и Сирија, Јемен и Венецуела.
Индексот за 2020 година открива дека корупцијата придонесува за уназадување на демократијата и влошување на состојбата со здравствените системи поради пандемијата предизвикана од Ковид-19.
„Ковид-19 не е само здравствена и економска криза. Тоа претставува и корупциска криза. Криза со која не успеваме да се справиме. Минатата година беше тест за владите како ниту една претходно, и тие со поголеми степени на корупција се помалку способни да се справат со предизвикот. Но, дури и тие кои се наоѓаат на врвот според Индексот за перцепција на корупцијата мора итно да ја зајакнат својата улога во борбата против корупцијата на национално и меѓународно ниво“, вели Претседателката на Транспаренси интернешнел, Делија Фереира Рубио.
