Трет ден протести на ВМРО-ДПМНЕ – Мицкоски: Викендов во Софија се распарчува идентитетот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Заев подготвува национален пораз, но од секој од нас зависи дали тоа ќе го промениме. Ова, пред присутните на протестот одржан пред Владата го рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.  Рече дека не смее да се дозволи Заев да ја менува историјата, туку самиот тој да стане историја.

„Заев не прави разлика помеѓу заедничка и споделена историја и тоа упорно дозволува да се провлекува помеѓу двете држави. А тоа се две различни работи. Ако имаме заедничка историја тогаш сме исти народ. А ние сме два сосема различни народи. Не смее да молчиме за асимилацијата пред нашите очи“, посочи Христијан Мицкоски.

Мицкоски упати порака и до политичарите во Бугарија пред споменикот на паднатите борци од народноослободителна борба да се извинат по примерот на Вили Брант. Рече дека во следните денови се одлучува и за македонскиот идентитет.

„Имам информација дека овој викенд се распарчува Македонија во Софија и се преговара за иднината на нашиот идентитет. Да не дозволиме и од утре внимателно да ја блокираме Македонија секој нареден ден и да не дозволиме овие луѓе да ни ја продадат верата, нацијата и кожата. Тие одамна си го продале својот ген на ѓаволот“, истакна Христијан Мицкоски.

Денешниот протест ВМРО-ДПМНЕ го започне од две локации, од пред спортската сала Борис Трајковски во Карпош и од Јане Сандански од Аеродром, од каде поради мерките од корона вирусот со автомобили тргнаа кон Владата. Сепак пред зградата на владата сите беа собрани без потребната дистанца.