Во понеделник запираат исплатите за буџетски плаќања, Министерството за финансии го затвора Трезорот, а се доцни со плати во дел од јавниот сектор.
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека потребно е сите институции на време да ги достават налозите за да не дојде до ваква состојба. Сепак смирува и најави дека ќе има толеранција.
„Многу е важно сите институции навреме да ги достават налозите до Трезорот за да може Трезорот навреме да ги плати бидејќи ако се доставуваат да речеме налозите на 25-ти, 27-ми, 28-ми потоа повторно Владата е виновна, зошто тоа навремено не е платено. Се разбира дека ќе има толеранција, но ова беше кажано се со цел да можат институциите одговорно да се однесуваат и да може да се изврши плаќањето до доверителите, она кое што Министерството за финансии преку Трезорот треба да го направи“, вели Христијан Мицкоски.
Според Фатмир Битиќи пратеник од редовите на СДСМ, досега не се случило Трезорот да се затвори 20 дена
„Трезорската сметка вообичаено се затвора на 25 декември, но не ретко тајмингот е и до 29 во месецот. До сега ова не се случило, Министерството за финансии на ваков начин сака да изврши притисок врз институциите административно да ги достават налозите за исплати па на таков начин финансии ќе имаат увид колку пари до крајот на годината треба исплатат од Буџетот а причината за ова е тоа што пари во Буџетот нема, доведена е во прашање ликвидноста“, вели Фатмир Битиќи.
Деновиве голем дел граѓани кои примаат исплати по разни основи како социјални надоместоци, за трето дете, како и за лица со попреченост реагираа дека се доцни со примање на средствата, што упатува на сомневања за неликвидност. Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска пак, изминативе денови рече дека државната каса е во добра состојба и дека нема никаков проблем со ликвидноста.
