Три акции, десетици осомничени – милионски штети за буџетот и загрозена безбедност

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Скопското обвинителство покрена истрага за корупција против 8 лица, меѓу нив и екс премиерот Димитар Ковачевски, првиот вицепремиер Артан Груби, екс директорот на Државна Лотарија на Македонија, Перпарим Бајрами, еден генерален секретар и други инкриминирани лица во овој случај. При претресите кај еден од осомничените се пронајдени парични средства од околу 40 илијади евра, а кај друг 20 илјади евра. Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, рече дека сите сторители на делата ќе бидат казнети, при што го покани Груби да се врати во земјата доколку е чист, како што изјавил на друштвените мрежи. Според властите, државниот буџет од овие кривични дела е оштетен за над 8 милиони евра.

Втората акција вчера резултираше со сузбивање на криминалната група „Беланоца-Барон“ каде се покренети кривични пријави против 18 лица, 14 од кои во улога на водачи на групата и директни извршители, за кои постојат сомнежи за платени убиства, нарачки за кои биле платени од 10 илјади евра до 250 илјади евра, во период од 2020-2024. Во шест случаи лишиле од живот осум лица, три лица биле тешко повредени, а на три лица животот им бил во опасност. Нарачките стигнале и од затвор, каде се следени жртвите и е планирано времето, местото и начинот на извршување на убиството од извршувачите на убиствата од групата.

„12 лица се осомничени и за кривично дело Злосторничко здружување, додека петмина и за кривично дело Тешки дела против општата сигурност. Останатите четири лица се товарат за кривично дело Изнуда. Основниот обвинител бара притвор за четирите лица кои се лишени од слобода, а 3 од осомничените се на издржување на казна затвор и двајца се во притвор за други кривични дела. За двајца осомничени се распишани меѓународни потерници, а шестмина се недостапни за органите на прогонот“, велат од ОЈО.

Акцијата на МВР, Финансиската полиција и Обвинителството имаше и асистенција од Армијата за детектирање на бункери во објектите и дворовите на осомничените, каде се употребувани и булдожери за нивно пронаоѓање. Акцијата се одвиваше во регионот на општините Чаир, Арачиново, Шуто Оризари, Бутел и Студеничани, направен е претрес во 30 локации и пронајдена е голема сума на пари, автомобили, злато, оружје, електронска опрема.

За третата полициска акција која се одвиваше во Струга и Гостивар, се покранати кривични пријави против 4 лица за кои постојат сомнежи за терористичка организација наречена „Ќелија“ финансирана од ИСИС со цел извршување на терористички акти во јавните објекти, велат од МВР. Истрагата покажува дека осомничените на социјалната мрежа „Телеграм„ објавиле пропаганден материјал, регрутирале нови членови и набавиле материјали за рачно изработени бомби, кои се одземени заедно со еден пиштол, 2 лаптопи и 2 мобилни телефони, каде се докажува формирањето на ќелијата од терористичката организација ИСИС.