Повеќе од десетина западни лидери присуствуваа на настаните во Украина по повод третата годишнина од војната со Русија. Многумина ветија поголема воена помош како видно покажување на поддршка за Киев , наспроти продлабочувањето на неизвесноста околу посветеноста на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп да и помогне да се одбрани руската инвазија.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен беше меѓу лидерите кои зборуваа на самитот во Киев во време кога американската политика за Русија и Украина се менува под претседателот Доналд Трамп.
Светската безбедност е загрозена во разговорите за тоа како завршува војната, предупреди Фон дер Лајен.
„Слободна и суверена Украина не е само во европски интерес, туку е во интерес на целиот свет. Автократите ширум светот многу внимателно набљудуваат дали има неказнивост ако ги прекршите меѓународните граници или го нападнете вашиот сосед, или дали постои вистинско одвраќање“, вели Урсула фон дер Лајен.
Слични пораки упати и Антонио Кошта, претседател на Советот на Европа, кој изјави дека самото присуство на европските лидери на конференцијата во Киев е потврда дека стојат зад Зеленски и народот на Украина.
„Страдањето што Русија го нанесе во Украина е сурово и неоправдано. Присуството на сите нас овде денес е демонстрација на нашата солидарност со народот на Украина и со вас, претседателе Зеленски. Ние бевме тука со вас од првиот ден“, вели Антонио Кошта.
Некои од најважните поддржувачи на Украина, вклучително и европските лидери како и канадскиот премиер Џастин Трудо, беа меѓу мноштвото кои пристигнаа со воз во Киев. Други зборуваа на конференција преку видео врска.
Промената во политиката на Вашингтон го вклучи алармот во Европа, каде владите се плашат дека ќе бидат ставени настрана од САД во напорите да обезбедат мировен договор и размислуваат како би можеле да го спречат застојот од какво било намалување на американската помош за Украина. Промените ги оптоварија и трансатлантските односи.
