Овој стан во кичевската чаршија е државна сопственост, но е даден под кирија од страна на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор (државни станови).
Условите во него се мизерни.
Во него живее Весна Спасеновска, заедно со своите внуци.
Пред три месеци ТВ21 извести за состојбата на станот и тогаш стапивме во контакт со Акционерското друштво, подружница Кичево, од каде што ни рекоа се дека се запознаени со состојбата на станот и ветија решение, но до ден-денес ништо не е преземено.
„Нема ништо, еве три месеци ниту ме побараа, ниту дојдоа, а како што гледате сè станува полошо и полошо. Одов јас да прашам за документите, но тие не реагираа.“, порача Весна Спасеновска.
Таа бара станот во кој живее да биде обновен, а нуди и неколку опции во врска со овој објект кој е заштитен како културно наследство.
„Да го обноват, или да го купам, или да ми дадат друг стан – од овие три опции ја чекам која било, но тие ниту реагираа, ниту дојдоа, ниту пак ми се јавија.“, вели Весна Спасеновска.
Госпоѓа Весна вели дека ќе оди до крај со оваа работа, па дури и ако е потребно ќе оди и на суд, бидејќи таму живее уште од 2004 година и нема намера да се откаже.
