Трка меѓу власта и опозицијата кој ќе предложи иницијатива за формирање Анкетна комисија за Кочани. Утрово на координацијата кај претседателот на Собранието Африм Гаши им било соопштено на СДСМ и Левица дека нивната иницијатива ќе им биде вратена на доработка, бидејќи не е согласно Деловникот, односно тие бараат Комисијата од 15 члена да има 9 од опозицијата и 6 од власта.
„Во членот 3 од иницијативата предложениот состав е 4 членови од СДСМ, 4 членови од ДУИ, 1 член од Левица, 3 членови од ВМРО-ДПМНЕ, 2 члена од ВРЕДИ, 1 член од ЗНАМ. Според Деловникот сите работни тела, вклучително и анкетните комисии мора да имаат состав пропорционален на парламентарниот распоред на сили. Тоа значи дека мнозинството во комисијата го има власта, додека претседателот се избира од редовите на опозицијата. Бидејќи ова правило не е испочитувано, иницијативата е вратена на доработка.“, рече Африм Гаши.

Но, во исто време Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ информира дека заедно со ВРЕДИ и ЗНАМ поднеле иницијатива за Анкетна комисија. Наспроти предлогот на опозицијата во оваа иницијатива се бара 10 членови да бидат од редовите на власта, а 5 од опозицијата, односно ВМРО-ДПМНЕ да има 7 членови, СДСМ 2, Европскиот фронт 2, ВРЕДИ 2, и по еден од ЗНАМ и Левица. Во неа покрај за Кочани ќе се расправа и за другите несреќи како што се Дурмо Турс, Беса Транс и Модуларната болница во Тетово. Рече дека со заклучоците ќе достават предлог до јавното обвинителство за поведување постапка за утврдување одговорност на сите инволвирани во несреќите.
„Овој случај не треба да биде политизиран, туку треба да биде проширен на сите трагедии а не само една бидејќи во изминатиот период можевме да видиме дека дури и оние лица за претходните трагедии кои што се опфатени со судски пресуди едноставно или не ги извршуваат затворските казни и едноставно и оние кои што се оштетени и јавноста има чувство дека едноставно вистинските виновници не се изведени пред лицето на правдата. Затоа ќе направиме извештај и ќе го доставиме и до Владата и до Јавното обвинителство на понатамошно постапување“, вели Стојановски.

Од Европскиот фронт велат дека го прифаќаат предлогот да се расправа за сите несреќи досега.
„Ќе дискутираме, но ние сме го кажале нашиот став дека сме за иницијатива која ќе ги опфаќа сите несреќи досега“, изјави Рина Ајдари од Европски фронт.
За случајот со пожарот во Кочани веќе е започнат судскиот процес, додека роднините на жртвите од трагедијата на протести постојано бараат правда и гаранции дека институциите никогаш повеќе нема да дозволат да има вакви трагедии.
