Почна објавувањето на кандидатурите за градоначалници за локалните избори во октомври. Сѐ уште не се познати сите имиња, но за некои општини партиите веќе открија преку кои кандидати ќе ги мерат силите. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ги промовираа своите кандидат за прв човек на Охрид. Социјалдемократите ќе побараат уште еден мандат за Константин Георгиевски.
„Цврсто чекориме по патот на успехот и овозможуваме посветла иднина за Охрид и за охриѓани. Убеден сум дека можеме да постигнеме уште повеќе! Време е да зацртаме и да тргнеме кон остварување на нови цели! Време е уште еднаш да се обврземе пред граѓаните и пред себеси дека ќе работиме уште повеќе за интересите на нашиот град! На претстојните локални избори продолжуваме со Вас граѓаните, Заедно Напред, за уште една голема ПОБЕДА во Охрид!“, вели Константин Георгиевски.
Георгиевски битката ќе ја бие со Кирил Пецаков, актуелен пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, кој преку Фејсбук статус ја објави својата кандидатура за градоначалник. Тој воедно му честиташе на неговиот противкандидат.
„Охрид и охриѓани заслужуваат конструктивна политичка дебата со високо ниво на култура каква што им доликува на кандидати за градоначалници на убавиот Охрид. Како кандидат за градоначалник на Охрид најавувам дека како и досега ќе продолжам со позитивна кампања и моето појавување пред јавноста и кај граѓаните ќе биде гордо и достоинствено преку презентирање проекти и она што им е потребно на охриѓани“.
Локалните избори се закажани за октомври. Дел од партиите ги објавија имињата на нивните кандидати, кои преку социјалните мрежи речиси почнаа да водат предизборна кампања. Кандидатите пак кои се очекува да трчаат за уште еден мандат, ги реализираат проектите со поголем елан, објавувајќи ја секоја активност на социјалните мрежи.
